Monday, December 10, 2012

СОВЕТИ ЗА ЃУБРЕЊЕ

Ѓубрење Согласно генералните препораки за одржување на почвената плодност според принципите на органското земјоделско производство, пред да се пристапи кон ѓубрење, задолжително да се изврши педолошка анализа за присуство на макро и микро елементи. Анализата на почвата мора да се врши на секои 5 години на следниве параметри: • механички состав; • органска материја; • рН; • електроспроводливост; • микро и макро елементи; • натриум. Понатамошната шема за ѓубрење да се изврши во соработка со стручни лица преку примена на органски ѓубрива, придржувајќи се на одредбите од Прилогот 1 од Правилникот за органско растително производство. Употребата на ѓубривата треба да биде во координација со сертификациското тело, откако претходно биле применети другите мерки за подобрување плодноста на почвата (плодоред, зелено ѓубрење, компостирање...). Арското ѓубре, осоката и урината од домашните животни (од говеда, компост од растителни отпадоци, заедно со природните органско биолошки додатоци и ѓубрива) ја сочинуваат основата на ѓубрењето во органското производство. Генерални насоки за употреба на ѓубривата: • Употребата на органските ѓубрива (посебно некомпостираните), треба да се изведе со нивно внесување во почвата (заорување, да не се остават расфрлани по површината) за да се избегне загубата на азотот. Подобро е вршење плитко заорување, за да не се оштетат корењата од растенијата, како и да се намали опасноста од појава на ерозија. Ѓубривата би требало да се внесат во почвата најмалку 3-4 месеци пред бербата; • Растворливите форми на органски ѓубрива (рибна емулзија, пепел од морски алги, пепел од морски треви, деривати од соја) се погодни за примена преку системи “капка по капка”, при што овозможуваат брзо надополнување на потребните материи; • Најголемиот број програми и шеми за ѓубрење се фокусираат на надополнувањето на азотот како главен елемент, со оглед на тоа што тој количински е најпотребен на растенијата. Вообичаените калкулации за определување на потребните количини азот кои треба да се додадат обично се однесуваат на вештачките ѓубрива. Органските системи дејстуваат на друг начин. Генерално, органските ѓубрива поспоро го ослободуваат азотот и се потпираат врз биолошката активност на микрофлората во почвата, која го разложува во форма соодветна за растенијата; • Кога се прават калкулациите за количините азот кои ќе бидат внесени, задолжително да се земат предвид количините кои во почвата ќе бидат внесени од меѓуредните култури (легуминози или мулч). На пр., ако во меѓуредот има посеано детелина (правилно прихранета и инокулирана), истата може да изврши фиксирање на 50-100 кg/ha годишно; • Да се води сметка за анализа на ѓубривото кое ќе биде внесено. Ако определените количини ѓубре се однесуваат само на количините од азот, може да предизвикаат проблеми при употреба на т.н. неизбалансирани ѓубрива (честата употреба на живинско ѓубре, кое е богато и со фосфор, може да предизвика проблеми со загадување на околината, како и недостаток на цинк во почвата). Овие проблеми се избегнуваат преку вршење редовни анализи и приспособување на количините врз база на резултатите од анализите. Јаболката, како и останатите овошни видови најмногу содржат вода и шеќери и одземаат многу помалку хранливи материи, споредено со другите култури. Оттука, пред подигање на насадот, најголемиот дел од потребите на овошките можат да бидат задоволени преку воведување соодветни меѓуредови посеви и органски мулч, како и со додавање вар и камено брашно. Ориентациони вредности за задоволување на потребите на растенијата 1: I. Ѓубрење на млад насад: a. Максимални дози: 40 kg/ha во I и 60 kg/ha во II година. II. Ѓубрење на насад во род: a. Азот: 1. Годишните дози не смеат да надминат 140 kg/ha 2. Количествата над 60 kg/ha, се додаваат во повеќе наврати b. Фосфор и калиум. Не смеат да се пречекорат следниве количини: 1. Почви со ниска содржина: 250 kg/ha P2O5 и 300 kg/ha К2О 2. Почви со нормална содржина: 50 kg/ha P2O5 и 150 kg/ha К2О 3. Почви со висока содржина: 30 kg/ha P2O5 и 75 kg/ha К2О. Вкупно внесените количини на ѓубре на имотот не смеат да содржат повеќе од 170 kg N годишно/ha.