Подлогата и садниот материјал – основа на добар плод
Петок, 14 Септември 2012
Производителите на праска најголемо внимание треба да обрнуваат на садниот материјал и на подлогата. Пред започнувањето со одгледување на оваа култура, потребна е детална анализа на педоклиматските услови. Затоа треба да се направи консултација на метеоролошките податоци и на резултатите добиени од почвените анализи. Успешното одгледување на праската зависи од расположливоста на погодни почви и од температурниот режим на локацијата.
Почвени параметри - Анализа на почвата треба да се спроведе пред секое подигнување на нов насад и на секои пет години во текот на одгледувањето. За успешно одгледување на праска потребни се лесни, длабоки и плодни почви. Од физичките и хемиските својства на почвата зависи и изборот на подлогата. За одгледување на праска најпогодни се почви кои содржат 55-65% вкупен песок, прав 15-25% и глина од 10-20%. На поглинести почви се препорачува праска калемена на слива.
Оптималното ниво на обезбеденост со лесно достапен фосфор изнесува околу 15 мг/100 г почва, но има и автори кои сметаат дека задоволително е нивото 5-8 мг/100 г почва. Праската има големи барања за калиум и тоЈ треба да изнесува 20-40 мг/100 г почва. Содржината на активна вар во почвата влијае на погодноста за одгледување на праска. Доколку почвата содржи повеќе од 5% активна вар, овие почви се непогодни за одгледување на праска калемена на лозарска практика, затоа што може да настанат физиолошки нарушувања поради недостиг на железо, фосфор, бакар, манган, бор. Појавата на хлороза е особено потенцирана на потешки почви со висока содржина на активна вар. Ако содржината на вар во почвата е поголема, треба да се избираат подлоги толерантни на зголемена содржина на вар како бадем или хибрид на бадем со праска. Почвите со реакција на почвата во вода повисока од 8 не се погодни за одгледување на праска. Како најпогодни се сметаат почвите со неутрална, односно слабо кисела или слабо алкална реакција. Содржината на хумус не треба да биде под 1,5%.
Климатските услови на реонот на одгледување мора да овозможат истакнување на позитивните карактеристики на сортата и квалитетот на плодовите. За успешно одгледување на праската треба да се избегнуваат локации на кои има опасност од измрзнување и локации со висока релативна влажност на воздухот.
При изборот на подлогата треба да се имаат предвид следниве карактеристики: отпорност на болести и штетници; адаптибилност на почвено-климатските услови; добро вкоренување; долговечност; погодност за интензивни системи на одгледување; обезбедување на постојана и квалитетна родност. Изборот на подлогите зависи од видот, адаптацијата на почвените услови и особините на растението. Подлогите кои се препорачуваат во овој реон се: лозарската практика, бадемот и хибридот бадем со праска ЅР677.
Изборот на сортата е клучен фактор за постигнување добар квалитативен стандард на производството. Се препорачуваат сорти со средно доцен до доцен период на зреење, со што ќе се овозможи поголема конкурентност на производот на европскиот пазар.
За време на резидбата важно е да се обезбеди осветлување на гранките со што ќе се овозможи развој на леторастите и диференцијација на цветните пупки. Зелената или летната резидба се препорачува како надополнување на зимската резидба. Колку е поголема густината на насадот, толку е попотребна и поважна правилната летна резидба. Летната резидба е особено значајна за бујните сорти со доцно време на зреење.
Наводнување - Се препорачува наводнување по методот „капка по капка". Наводнувањето треба да се спроведе во критичните периоди како што се плодоносењето, фазата на прошарок, зреењето и по бербата.
Обработка на почвата - Се препорачува затревување на меѓуредовото растојание. Употребата на хербициди во редовото растојание да се применува по третата година од засадувањето на овошките. Редовото растојание до третата година да се окопува.
Врз основа на направена анализа на почвата се дава препорака за количествата и времето на апликација на одредени дози на ѓубрива.